Четвртиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки се одвива во германскиот Винтерберг, а на денешната програма, освен индивидуалното санкање во машка конкуренција, беа и спринтовите. На нив се квалификуваа првите петнаесет од изминатите три трки.
Во двојниот спринт, Германците Тони Егерт и Саша Бенекен (30,972) ја запишаа својата втора овосезонска победа, а зад себе ги оставија водечките во генералниот пласман, Томас Штој и Лоренц Колер (+0,053), односно сонародниците Тобијас Вендл и Тобијас Арлт (+0,109).
Дамите ја продолжија германската доминација, заземајќи ги сите три позиции на подиумот. Јулија Таубитц (38,782) победи по вторпат во два дена, а Натали Гајзенбергер (+0,174), по шести пат во низа се пласираше на второто место. Како третопласирана заврши нивната сонародничка Дајана Ајтбергер (+0,189).
Машкиот спринт беше уште еден показател за германската надмоќност на домашен терен. На вкупно шестата трка овој викенд, претставниците на домашната селекција имаа 100% учинок. Последниот победник на денешните трки беше Макс Лангенан (36,331), а зад него, на подиумот завршија братучедите Кевин (+0,058) и Доминик Фишналер (+0,072) од Италија.



