Третиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки се одвива во германскиот Оберхоф, а денешната програма ја отворија машките двојки.
Во првата серија, домашниот пар составен од Тони Егерт и од Саша Бенекен постави нов рекорд на патеката (41,374), којашто доживеа благо скратување во 2019. Патем, претходно рекордот беше срушен уште во два наврати – најпрво од Ханес Орламиндер и од Паул Константин Губитц (шести после првата серија), а потоа и од Јаник Милер и од Армин Фраушер (втори после првата серија).
Помеѓу нив се пласираа уште три парови, односно браќата Андрис и Јурис Шикс, лидерите во вкупниот поредок Томас Штој и Лоренц Колер, како и Летонците Оскарс Гудрамович и Петерис Калнинс.
Победниците од минатата сезона, Тобијас Вендл и Тобијас Арлт, пред крајот паднаа од санката и поминаа низ целта како последни со заостаток поголем од пет секунди.
Во втората серија, Штој и Колер напреднаа солидно и беа на прагот до четвртата победа на четвртото натпреварување сезонава. Сепак, Австријците мораа да се задоволат со второто место бидејќи до рекордната 44. заедничка победа (изедначени на првото место со Вендл и Арлт) стигнаа водечките после првото санкање – Егерт и Бенекен. За крај, подиумот го комплетираа Милер и Фраушер, кои санкаат заедно само втора сезона по ред. Пласман во првите пет изборија уште два италијански парови: Лудвиг Ридер и Патрик Растнер, односно Емануел Ридер и Симон Каинцвалднер.



