Веќе втор викенд по ред, возачите од Мото 3 категоријата се тркаа на патеката ,,Рикардо Тормо”, но наместо за големата награда на Теруел, се бореа за големата награда на Валенсија.
После мирниот старт, водечката група успеа да стекне предност и да се оддели од останатите.
Челестино Виети излета во петтиот круг и ја загуби шансата да се бори за титулата, иако веднаш се врати на патеката.
Раул Фернандез возеше соло-трка во поголемиот дел, но накрај заврши како третопласиран, бидејќи беше претекнат од победникот Тони Арболино и од вториот Серхио Гарсија. Водечкиот во вкупниот поредок, Алберт Аренас, беше четврти, а со него во група беа уште Дерин Биндер и Денис Онџу. Во фото-финиш, седмата позиција му припадна на Андреа Мињо, кој беше за нијанса побрз од Аи Огура и од Жауме Масија. Осмото место на Огура, сè уште го остава во битката за шампионската титула, бидејќи сега заостанува само осум поени зад Аренас.
Триото што ќе се бори за титулата на последната трка во Португалија е составено од Аренас (170 поени), од Огура (162 поени) и од Арболино (159 поени).