Првиот од трите денешни натпревари во КХЛ го одиграа екипите на Амур Хабаровск и на Авангард Омск.
Домаќините од Хабаровск успеаја да слават неочекувано со 2-1 и да ја прекинат серијата од шест меѓусебни триумфи на противникот.
За Амур, ова беше трета победа во последните четири средби за скок на деветтото место, додека Авангард и покрај поразот останува втор на Истокот веднаш зад АК Барс Казањ.
На денешната средба, Амур ја стекна капиталната предност од 2-0 после неполни дваесет и пет минути игра. Стрелци за ,,Тигрите” беа Дмитри Архипов во првата и Александер Полунин во втората третина.
Четири и пол минути подоцна, гостите од Омск намалија на 2-1, со голот на Алексеј Потапов во момент кога имаа играч помалку.
Освен стрелците, заслужен за триумфот на Амур е и голманот Јевгени Аликин, кој одбрани дури триесет и пет противнички удари (97,22%) во рамките на својот гол.