Четирикратниот светски Ф1 шампион, Себастијан Фетел, во мај објави дека нема да го продолжи договорот со ,,Ферари”, кој ќе истече по крајот на тековната сезона.
Како замена за Германецот, ,,Ферари” го доведе Карлос Саинц, а судбината на Фетел беше непозната сè до денес.
Официјално, Фетел од наредната сезона ќе вози за тимот на ,,Рејсинг Поинт”, кој од 2021 ќе биде преименуван во ,,Астон Мартин”, а ќе го пополни местото на Серхио Перез.
,,Задоволен сум што конечно ги објавувам возбудливите новости во врска со мојата кариера. Многу сум горд дека ќе станам возач на ,,Астон Мартин” во 2021. За мене, тоа ќе биде нова авантура со оваа легендарна автомобилска компанија. Импресиониран сум од резултатите што тимот ги освојува оваа година и верувам дека иднината ќе биде уште посветла.” – се огласи Фетел за официјалниот веб-сајт на Формула 1.
Фетел стана дел од таборот на Ферари во 2015 преземајќи го местото на Фернандо Алонсо. Со овој тим, Германецот не освои ниту еден шампионски наслов, а во два наврати беше вицешампион (2017 и 2018).



