Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски и репрезентативецот, Енис Барди на официјалната прес-конференција во Рејкјавик ги споделија своите размислувања и очекувањата од денешниот натпревар против Исланд во рамки на 5. коло од квалификациската група за пласман на СП 2022.
Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:
„Ерменија останува зад нас, жалам за пропуштените два бода, но направивме сѐ што беше во нашите можности. Ни недостасуваше завршницаи реализација. Се надевам сега тоа ќе го подобриме. Наше е да одиме да одиграме најдобро што знаеме, да одиме на победа. Нè очекува тежок и неизвесен натпревар. Исланд е квалитетна екипа. Според она што го видовме на дуелот со Романија не заслужија пораз. Треба да бидеме на нашето најдобро ниво ако сакаме позитивен резултат. Исланѓаните сакаат да играат фудбал, да го имаат поседот во свои нозе. Тоа е различно од она што сме го гледале во минатото. Имаат друга филозофија. Сакаат топка во своите нозе. Меѓутоа тоа ќе зависи од нас и од нашиот пристап. Детали и индивидуални потези ќе го одлучат натпревар“.
„Овој тим е во фаза на трансформација, освежен со фудбалери кои имаа помал стаж во селекцијата, а кој со игрите за клубовите и младата репрезентација заслужија да се тука. Не чувствувам јас никаков притисок, ниту фудбалерите чувствуваат некаков притисок од јавноста. За нас, секој следен меч е најважен, така и овој со Исланд. Наше е до крај да останеме во трка за тоа второ место“.