
Пред само четири дена, Фабио Квартараро го прослави својот дваесет и трети роденден, а денес, Французинот се радуваше на првата овосезонска победа.
Имено, на петтата трка во 2022, одржана во Алгарве, актуелниот шампион на МотоГП славеше по деветти пат во кариерата и го презеде водството во генералниот поредок.
Квартараро извоза соло-трка уште од почетокот, оставајќи го неговиот сонародник, Жоан Зарко, на второто место со заостаток од речиси пет и пол секунди.
Подиумот го комплетираше победникот на третата трка, Алеиш Еспаргаро, а Алекс Ринс го освои четвртото место.
Домашниот натпреварувач, Мигел Оливеира, беше петтопласиран, а во првите десетмина завршија уште Марк Маркез, Алекс Маркез, Франческо Бањаја, Пол Еспаргаро и Маверик Вињалес.




