
Минатата сезона, од англиската Лиг 2, две екипи беа релегирани во Националната лига, односно во петтата дивизија.
Станува збор за Гримсби и за Саутенд, кои денес се соочија во рамките на шеснаесеттото коло од новата сезона.
Како победник од првиот петтолигашки дуел на двете екипи излезе Гримсби, кој славеше со 1-0 пред 5836 гледачи.
Стрелец на единствениот погодок на мечот беше Рајан Тејлор уште во третата минута по асистенција на Ерико Соуса.
Освен со резултатот, „Црно-белите“ ја оправдаа фаворитската улога и со перформансите на теренот, со кои целосно го индиспонираа својот ривал.
На табелата, Гримсби се израмни со првопласираниот Честерфилд, додека Саутенд, иако доведе засилувања и важи за една од најсилните екипи во лигата, е на само бод од „црвената“ зона.