Кога станува збор за релегација, ирската прва лига, односно Премиер дивизија, го имаше својот расплет во денешното последно 36. коло.
Во негов пресрет, Фин Харпс и Ватерфорд имаа ист број на поени, односно се бореа да ја избегнат претпоследната позиција, која води во плеј-аут.
Како победник од оваа битка излезе тимот од Донегал, кој со убедливи 5-0 го совлада последнопласираниот Лонгфорд и избори уште најмалку една сезона во ирската елита.
Победа на домашниот состав му донесоа дури пет различни фудбалери, односно Вил Сејмор (30′), Рајан Коноли (33′), Карл О’Саливен (51′), Тунде Оволаби (61′) и резервистот Лук Раден (90+1′).
Од друга страна, Ватерфорд ремизираше со 0-0 против вицешампионот Ст. Патрик’с Атлетик и го зазеде несаканото претпоследно место на табелата.
Како ривал во плеј-аут дуелот, момците на Марк Бирчам ќе го имаат составот на УЦ Даблин, кој во финалето на плејофот на втората лига ги доби Бреј Вондерерс со 0-2.
Стрелци на головите на овој натпревар беа Колм Вилан (68′) и Пол Дојл (86′).
Што се однесува до врвот на табелата, по вторпат во низа, со шампионската круна се закитија Шамрок Роверс, додека пласман во Европа, освен гореспоменатиот Ст. Патрик’с Атлетик, освоија уште Слајго Роверс.