Како увертира на 18. коло од англискиот Чемпионшип беше одигран третиот овогодишен меѓусебен дуел помеѓу географските ривали – КПР и Лутон.
По третпат во низа, составот од главниот град на Велика Британија успеа да дојде до трите поени, откако денес славеше со 2-0.
Уште во 10. минута, Крис Вилок ја затресе мрежата на Симон Слуга и им донесе водство на „Ренџерите“, крунисувајќи ја прекрасната асистенција на Илијас Шер.
Во продолжение, Лутон имаше две добри прилики, кои за жал по нивните навивачи, не беа соодветно реализирани.
Конечниот резултат беше поставен во воведниот дел на второто полувреме, кога во листата на стрелците се запиша легендата на КПР – Чарли Остин (55′).
Со новите три поени, КПР изби на петтото место, додека Лутон остана на единаесеттата позиција, но со натпревар повеќе во однос на сите конкуренти.