Првата трка во брзинските дисциплини од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше денешниот спуст во Лејк Луис.
На него, Италијанката Софија Гоџа (1:46,95) во потполност ја натскија конкуренцијата и славеше за првпат после рехабилитацијата од тешката повреда.
Најдобрата претставничка на Северна Америка, Бризи Џонсон (+1,47), имаше голем заостаток, но сепак заврши на второто место што претставува нејзин најдобар пласман во кариерата.
На третата позиција се пласираше Австријката Мирјам Пухнер (+1,54), која го освои третиот подиум во својот живот, односно прв после 13 март 2019 (победа на спустот во Солдеу).
Во продолжение, пласман во топ 10 изборија: Рамона Зибенхофер (+1,96), Корин Сутер (+2,02), Надја Делаго (+2,09), Корнелија Хитер (+2,15), Никол Делаго (+2,16), Јасмин Флури (+2,31) и Кира Вајдле (+2,32).