На колку години започна да се занимаваш со фудбал и од каде љубовта да бидеш голман?
На неполни 6 години почнав да тренирам фудбал во ФК Вардар, најпрво на позицијата штопер па потоа голман. Немавме голман, а мене ме влечеше тоа што има паѓања, паради и љубовта према фудбалот кога ги гледав голманите на тренинзи и натпревари. И мислам дека не погрешив што застанав помеѓу стативите.
Во кој клуб ги направи првите чекори и кои беа твои први тренери ?
Првите чекори како што споменав ги направив во ФК Вардар. Во 2010 мојот прв тренинг е со Драган Мутибариќ (поранешен голман и во Шалке 04). Во 2012 година тренер ми беше Мане Манев, во 2013 година Слободан Мутибариќ и Бојан Димковски. Морам да напоменам дека моите најдобри резултати ги постигнав со голманската академија Ивановиќ. Во 2015 година тренер на голмани ми беше Филип Ивановиќ кој ме врати во форма од мојата повреда (фрактура на десната рака). И во моментов тренер на голмани во голманската академија е Филип Ивановиќ и Виктор Ивановиќ. Во Академија Пандев тренер на голмани ми беше Томе Пандев, а во репрезентацијата на Македонија Томе Пачовски. Во мојот нов клуб ФК Лабуништа тренер на голмани е Благоја Буџакоски. Искуството и работата со секој од нив ме прави се подобар голман секој ден.
Како дојде до трансферот во ФК Лабуништа ?
Од како завршив со настапи во младинските категории имав повеќе понуди каде можам да продолжам. Според мене во моментов ФК Лабуништа е најдобар избор да го дадам мојот максимум и допринос за оваа екипа и луѓето овде.
Колку настапи имаш за репрезентацијата на Македонија за помладите категории?
За нашатата репрезентација имам неколку настапи. Бранев на две пријателски средби против Полска и Англија, и квалификации У19 во Чешка во група со Хрватска (1:1 90мин), Чешка (Пораз 1:2 90мин), Луксембург (Победа 2:0 45мин).
Кој светски голман ти е идол и најголема инспирација ?
Икер Касиљас е мојот голмански идол! Го обожавам од кога почнав да бранам уште како мал, ми се допаѓаат неговите постапки на терен и надвор од него. Но сепак најголема инспирација добивам од самиот себе со оглед на тоа дека секогаш сакам се повеќе и повеќе да се надградувам и да тренирам.
Дали е вистина дека дел од твоите фамилијарни корени се и од Струга ?
Да, потекло од Струга имам по мојата баба од страната на татко ми , поточно од селото Јабланица. Поради тоа имам дополнителна мотивација да играм за овој клуб и да се покажам во најдобро светло пред Стружани.
Што ќе им порачаш на љубителите на фудбалот во Струга и читателите на www.javisejuzna.mk ?
На навивачите на ФК Лабуништа и љубителите на фудбалот во Струга им порачувам да продолжат да не бодрат и да бидат со нас. А на нас фудбалерите е да го даваме максимумот за тие да уживаат во фудбалот и резултатите на тимот.