Крос-кантри скијањето, овој викенд, беше преселено во Словенија на ски центарот Планица. Денешната програма беше планирана за спринтови во слободен стил. Кај дамите, во отсуство на Терезе Јохауг, до втората победа во кариерата, стигна Јона Сундлинг која заврши само 22 стотинки пред сонародничката Стина Нилсон. Двете Американки, Керн и Колдвел, завршија на третото и четвртото место со заостаток помал од една секунда ! Домашната скијачка, Анамарија Лампич, заврши на петтото место назначувајќи го својот најдобар пласман во кариерата. Последната позиција во големото финале ѝ припадна на Лин Сван која на сред трка доби незгоден удар, па ја заврши трката со заостаток од 48.51 секунди.
Во машката конкуренција, до првата победа во кариерата стигна Лука Шанава кој со одлична тактика го надмудри Федерико Пелегрино и не му дозволи да ја запише својата 14. победа во кариерата. Третото, четвртото и шестото место им припаднаа на Норвежаните Валнес, Скар и Таугбел. Меѓу нив се најде само Французинот Ришар Жуве.



