Светскиот шампионат во пикадо ни донесе доста интересни ситуации. Како најпосебна се истакнува победата на Фалон Шерок над Тед Еветс со којашто таа стана првата жена што славела во еден дуел од светското првенство. Во наредната рунда, Шерок го елиминира и актуелниот 11. играч на светот – Менсур Сулјовиќ. Интересни беа натпреварите до самото финале кадешто се соочија минатогодишниот шампион – Холанѓанецот Мајкл Ван Гервен и Шкотланѓанецот Питер Рајт. На патот до финалето, Ван Гервен беше поуспешен од Клаасен, Еванс, Бунтинг, Лабанаускас и Аспинал, а Рајт ги елиминира Маликдем, Асада, де Зваан, Хамфрис и Прајс.
Финалниот натпревар, традиционално од 2008, се одигра во „Александра Палас” во Лондон. До победата, а воедно и до првата титула на светското првенство дојде Питер Рајт кој славеше со 7-3 во сетови. До оваа победа стигна со просек од 102,79 поени од три стрелки, 11 погодоци од 180 поени и 34 погодоци од 140 поени и му се одмазди на Ван Гервен за поразот во финалето од 2014.
Шкотланѓанецот е препознатлив по својата карактеристична фризура што ја обојува во различна боја на секој турнир, а со победата во финалето заработи 500 илјади фунти.



