Стагнирањето на атлетиката во голема мера ги разочара фановите низ светот, па поради таа причина, денес во Осло беа организирани „Невозможните игри“. Всушност се работи за необичен митинг на којшто натпреварувачите се натпреваруваа во недетерминиран број и на несекојдневни дистанци.
Што се однесува до скок со стап, во директен дуел се соочија ветеранот Рено Лавилени и новајлијата Арманд (Мондо) Дуплантис.
Имено, Дуплантис, иако има само дваесет години, веќе е светски рекордер во сала со прескокнати 6,18 метри. Од друга страна, Лавилени, во сала успеа да прескокне 6,16 метри, додека на отворено и двајцата натпреварувачи имаат најдобар резултат од 6,05.
Денешното натпреварување беше необично поради една причина. Двајцата скокачи се натпреваруваа на далечина од неколку стотици километри односно Дуплантис се наоѓаше во Осло, додека Лавилени скокаше во својот двор во Франција.
Откако и двајцата успеаја да прескокнат висина поголема од 5,61 метри, натпреварувањето стана повозбудливо. Дуплантис прв успеа да прескокне 5,71 метри, додека Лавилени ја прескокна истата висина од третиот обид. Веднаш потоа и двајцата од прва прескокнаа 5,81 метри, а клучната висина беше 5,86. Токму на овие броеви, Лавилени забележа три неуспешни скокови и го загуби овој дуел. Дуплантис ревијално успеа да прескокне 5,86 метри и „убедливо“ да го совлада својот ривал. Швеѓанецот го заврши својот настап со трите неуспешни обиди за поставување на нов рекорд на митингот од 5,91 метри.
Освен Дуплантис и Лавилени, на ова натпреварување учествуваше и Норвежанецот Пал Хауген Лилефосе кој го заврши својот настап со три неуспешни скокови на 5,71 метри.



