Организирањето на „Невозможните игри“ внесе една потполно нова димензија во светот на атлетиката. Имено, станува збор за митингот во Осло кој беше организиран на необичен начин. На патеките се натпреваруваа малку натпреварувачи, кои во неодреден број и на несекојдневни дисциплини, ги одмерија своите сили. Во две дисциплини, атлетичарите се соочија од две различни локации. Скокачите Мондо Дуплантис и Пал Хауген Лилефосе беа присутни во Осло, а Рено Лавилени скокаше во својот двор во Франција. На машката трка на 2000 метри, Норвежаните во Осло се тркаа против Кенијците во Наироби.
Најпрво беше одржана машката трка на 1000 метри во којашто Филип Ингебригтсен избори победа, а воедно постави нов рекорд на Норвешка со време од 2:16,48.
На женската трка на 200 метри со пречки, Норвежанката Лине Клостер го подобри државниот рекорд на 26,11 секунди и дојде до победата.
Во скок со стап, Дуплантис во директен дуел го совлада Лавилени, а клучната висина изнесуваше 5,86 метри. Норвежанецот Лилефосе прв го заврши своето скокање со трите неуспешни скокови на 5,71 метри.
На трката на 300 метри со пречки учествуваше само Норвежанецот Карстен Вархолм кој ја истрча патеката за 33,78 секунди и постави нов европски рекорд.
Натпреварувањето на 2000 метри во себе вклучуваше два тима од по пет натпреварувачи. Во тимот Ингебригтсен членуваа тројцата браќа Ингебригтсен (Јаков, Филип и Хенрик), Нордас и Свела, додека Черуијот, Манагои, Мели, Кетер и Сеин го сочинуваа тимот Черуијот. Од кенискиот тим само Черуијот и Манагои успеаја да ја завршат трката, така што домашниот тим избори победа.
Уште две трки во женска конкуренција донесоа возбуда, а станува збор за трките на 600 метри и на 300 метри со пречки. На првата, Хеда Хине победи со време од 1:28,81, додека на втората, Сара Петерсен стигна до првото место со време од 39,42 секунди.
Последната дисциплина и само втората којашто не се состоеше од трчање беше фрлањето диск. Овде се соочија Норвешка и Шведска односно Ола Стунес Исене и Свен Мартин Скагестад против Симон Петерсон и Даниел Штол. Швеѓаните потполно ги надфрлаа своите соседи, а најуспешен беше Штол со 65,92 метри.