Третиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција, наместо во Вал д’Изер, се одржува во италијанскиот ски-центар Санта Катерина.
Истиот започна со второто овосезонско велеслалом издание, кое беше изводливо, иако имаше силни снежни врнежи во текот на ноќта.
За разлика од мажите, поради истата причина, денешниот супер-велеслалом кај жените, во Ст. Моритц, беше одложен.
Последен пат, скијачите се тркаа во Санта Катерина во 2016, кога Кјетил Јансруд беше најбрз во дисциплината супер-велеслалом, а Алексис Пантуро славеше во алпската комбинација.
Првата серија ја одбележа Словенецот Жан Крањец, кој беше најубедлив на патеката.
Сепак, во втората, Словенецот (+0,12) успеа само да го запише својот седми подиум, бидејќи не можеше да му парира на скијањето на Филип Зубчиќ. Имено, Зубчиќ, со второто најбрзо скијање во вториот дел, стигна до втората победа во кариерата, иако беше шести после првата серија.
Третото место, воедно и петтиот подиум во кариерата, му припадна на Швајцарецот Марко Одермат (+0,30). Заостаток помал од една секунда имаа сите скијачи заклучно со шестата позиција, односно Лоик Мејар (+0,66), Алексис Пантуро (+0,80) и Томи Форд (+0,98).
Адам Жампа (+1,15), кој заврши на седмото место, го оствари својот најдобар пласман во Светскиот куп, а позади него, во првите десетмина, се пласираа Матје Февр (+1,24), актуелниот шампион Александар Омодт Килде (+1,31) и најдобриот скијач во второто скијање – Ерик Рид (+1,48).



