Последната овосезонска трка од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција беше денешниот слалом, одржан во швајцарскиот Ленцерхајде.
Истиот немаше посебна важност со оглед на тоа дека Алексис Пантуро вчера ја обезбеди својата прва титула во кариерата, а во борбата за малиот кристален глобус во оваа дисциплина, Марко Шварц убедливо ја победи конкуренцијата.
Сепак, денешниот ден му донесе големо славје на Мануел Фелер (1:47,24), кој славеше по вторпат во оваа сезона, а воедно и во кариерата.
На второто и на третото место се пласираа двајца француски скијачи, односно Клеман Ноел (+0,08) и Пантуро (+0,11).
Четвртата позиција му припадна на Италијанецот Алекс Винатцер (+0,32), а само една стотинка побавен беше Лоик Мејар (+0,33).
Освен нив, во топ 10 се пласираа уште: Марко Шварц (+0,76), Лука Ерни (+1,14), Виктор Муфа-Жанде (+1,18), Линус Штрасер (+1,24) и Танги Неф (+1,74).
Пред почетокот на втората серија, со ревијално скијање, од спортската кариера емотивно се опрости Жан-Баптист Гранж.
📸 Alain Grosclaude/Agence Zoom/Getty Images



