Приказната за Давид против Голијат е присутна и во фудбалскиот свет, особено кога е во прашање Виљареал. Станува збор за фудбалски клуб од истоименото гратче во близина на Валенсија, кое веќе две децении се држи рамо до рамо со шпанските гиганти.
Почетоци:
Во гратчето со 50 000 жители, првиот фудбалски клуб бил основан во 1923 година под името Клуб Депортиво Виљареал. Овој колектив бил назначен со црно-бела опрема, која ги симболизирала боите на клупското лого. Клуб Депортиво Виљареал го одиграл првиот меч на 21 октомври 1923 против локалниот ривал Кастељон. Уште од самото основање, клубот играл на „Кампо дел Виљареал“, кој во 1925 бил преименуван во „Ел Мадригал“. Сепак, Клуб Депортиво се распаднал во 1942, откако бил во целосен прекин поради Шпанската граѓанска војна (1936-1939).
Враќање на фудбалот во Виљареал:
Истата година, 1942, неколку ентузијасти го основале Клуб Атлетико Фогхетеказ. Името на овој колектв е всушност акроним од имињата на основачите: Фонт, Гил, Хереро, Теулер, Катала и Зарагоза. Во 1947, екипата била преименувана во КАФ Виљареал (Клуб Атлетико Фоггетеказ Виљареал).
Жолта боја:
Иако првиот клуб од гратчето настапувал со црно-бела гарнитура, денешниот Виљареал е препознатлив по својата жолта комбинација. Истата потекнува од 1947, кога синот на претседателот на клубот бил во Валенсија по набавка на дресови. Поради тоа што немало никакви маички освен жолти, младичот бил приморан да се врати со нив. Сепак, покрај жолтите дресови, играчите носеле сини шорцеви, кои во 2002 исто така биле обоени во бојата на горната гарнитура. Поради еднобојниот препознатлив концепт, Виљареал го носи прекарот „Жолтата подморница“.
Втора половина на 20. век:
Во 1954, екипата била преименувана во Виљареал КФ и било преземено сè уште актуелното лого. Во 1950/51, како шампион на регионалната петта лига, Виљареал бил промовиран во четвртиот ранг, од каде, како шампион, се пласирал во Терсера (тогашната трета дивизија) во 1955/56.
Во сезоната 1969/70, „Жолтата подморница“ ја освоила првата и до неодамна единствената попрестижна титула во својата историја, откако била првопласирана во петтата дивизија на Терсера. Со пласманот во Сегунда (втора лига), Виљареал дебитирал и во шпанскиот Куп на кралот, стигнувајќи до третата рунда.
Авантурата во второлигашкото друштво траела само две сезони, а до 1990/91, клубот мигрирал низ третата и низ четвртата лига. Во меѓувреме, познатата Терсера станала дел од четвртиот ранг, а третиот бил преименуван во Сегунда Б.
Од 1990/91 започнува подемот на Виљареал, кој од четвртата стигнал до втората лига за само две сезони. Веќе во 1998/99 дебитирал во шпанската елита, но бил речегиран веднаш. Сепак, во 2000/01 се вратил во Примера и останал таму сè до 2012/13.
Почеток на 21. век:
Најголемите успеси во своето постоење, Виљареал ги имаше во 21. век. „Жолтите“ беа стабилен шпански прволигаш од 2000 до 2013 со неколку значителни достигнувања. Во 2004/05 го освоија третото место на табелата, а во 2003 и во 2004 во два наврати го освоија ревијалниот Интертото Куп. Под водство на Мануел Пелегрини, „Жолтата подморница“ дојде до вицешампионската позиција на Шпанија во 2007/08, а претходно, во 2005/06, играше и во полуфиналето на Лигата на шампионите. Откако беше поразен во три полуфиналиња на Европа Лигата, Виљареал се стекна и со првата престижна титула на 26 мај 2021, откако во финалето на истото натпреварување го совлада Манчестер Јунајтед на пенали.
Лига Европа 2020/21:
Виљареал го започна својот пат кон титулата на ЛЕ во групата И, каде што ја освои првата позиција во конкуренција со Карабак, со Макаби Тел Авив и со Сивасспор. Оттаму, во нокаут-фазата мораше да помине преку Ред Бул Салцбург, Динамо Киев, Динамо Загреб и Арсенал за да стигне до големото финале против Манчестер Јунајтед.
Пред ограничената публика во Гдањск, „Жолтите“ изиграа лавовски во регуларниот дел и во продолженијата, кои завршија со 1-1. Стрелец на единствениот гол за шпанскиот состав беше Џерард Морено, кој се израмни на првото место на листата на стрелците во историјата на Виљареал со Џузепе Роси со 82 погодоци.
По единаесетте успешно изведени пенали и за двата состави, голманот на Виљареал, Херонимо Рули, успешно го одбрани единаесеттерецот на голманот на Јунајтед, Давид де Хеа и им ја донесе најпрестижната титула на „Жолтите“ во својата историја.
Виљареал, на патот до титулата, немаше ниеден пораз. Впрочем, имаше тринаесет победи и само две ремија со гол-разлика од 31-9.
За тренерот Унаи Емери, ова беше рекордна четврта титула во ЛЕ, откако претходно трипати го освои насловот со Севиља.
Ривали:
Најголемите традиционални ривали на Виљареал се второлигашите Кастељон. Сепак, поради растот на „Жолтата подморница“, нивните дуели станаа вистинска реткост во последните децении. Поради тоа, се распламти ривалството со Валенсија, која го претставува најблискиот прволигапки град. Дуелите помеѓу Виљареал и Валенсија се познати под името „Дерби де ла Комунитат“.