
Откако имаше релативно разочарувачки и несреќни настапи на Тур д Франс и на патната трка на ЛОИ 2020, Примож Роглич ги покажа сите свои квалитети на олимпискиот хронометар.
Имено, Словенецот дојде до олимписко злато, откако во потполност ја ,,уништи” конкуренцијата и ја извоза патеката од 44,2 километри за време од 55:04 минути со просечна брзина од 48,1 км/ч.
На второто место, со огромен заостаток од +01:01 минути заврши неговиот клупски колега од ,,Џамбо-Висма”, Том Думолан, кој воедно го одбрани среброто од Рио 2016.
Битката за бронзата вклучуваше тројца велосипедисти, кои се наоѓаа во само две секунди.
Најбавен од нив беше еден од фаворитите, Филипо Гана (+01:06), додека најнесреќен излезе Швајцарецот Штефан Кунг (+01:04), кој остана без медал за само 40 стотинки.
На најниското место на пиедесталот се пласираше Австралиецот Роан Денис (+01:04), кој моментално вози за ,,Инеос”, но од наредната сезона ќе премине во ,,Џамбо-Висма”, дополнително засилувајќи ги редовите на холандскиот тим.
,,Сребрениот” од патната трка, Воут Ван Аерт (+01:41), се пласираше на шестата позиција, а во првите десет се најдоа уште: Каспер Асгреен (+01:48), Ригоберто Уран (+02:15), Ремко Евенепоел (+02:17) и Патрик Бевин (+02:20).