Торонто Мејпл Лифс и Монтреал Канадиенс се едни од најстарите активни хокеарски клубови во Северна Америка, а воедно и во светот, формирани пред повеќе од еден век. На ледената плоча се соочиле уште при самите почетоци, а нивните дуели биле проследени со голем анимозитет.
Сепак, нивното ривалство не почнува оттука. Имено, Торонто и Монтреал се два мега-центри на канадската економија и на канадската култура. Уште од пораната историја, омразата помеѓу двете метрополи е огромна, а хокејот на мраз само го отсликува тоа.
Мејпл Лифс, претходно познати како Аренас и како Ст. Патрикс, „негуваат“ омраза кон Монтреал Канадиенс уште од деновите во поранешната НХА (Национална Хокеарска Асоцијација), претходник на денешната НХЛ, формирана во 1917 година.
Во првите 25 години во НХЛ, овие две екипи се соочиле само двапати во плејофот, во 1918 и во 1925, со по една победа и на двете страни.
Веќе во 1938 сè до 1980, станале единствените претставници на Канада во НХЛ, откако вториот тим од Монтреал, Монтреал Марунс, се распаднал.
Овој настан го зголемил фондот на навивачи на двете екипи, кои доминирале во НХЛ од 1956 до 1969. Во овој интервал, Торонто освоил четири, а Монтреал – девет титули. Единствена екипа што ја прекинала доминацијата на Канаѓаните била Чикаго Блекхокс во 1961.
Веќе кон осумдесетите години на минатиот век, во НХЛ влегле нови канадски тимови – Ванкувер Кенакс, Калгари Флејмс, Едмонтон Оилерс, Отава Сенаторс, Винипег Џетс и Квебек Нордикс (односно Колорадо Аваланш од 1995).
Проширувањето на лигата довело до губење на голем број на фанови на Мејпл Лифс и на Канадиенс со што за нијанса спласнало ривалството.
За ситуацијата да биде полоша за нивните навивачи, од 1981 до 1998, челниците на НХЛ го ставиле Торонто во Западната, а Монтреал во Источната конференција.
Во досегашната историја, заклучно со сезоната 2019/20, овие клубови одиграле 818 меѓусебни натпревари. Од нив, 401 добил Торонто, 329 добил Монтреал, а 88 завршиле со нерешен резултат во регуларните шеесет минути.
Во историјаата, Монтреал Канадиенс е најуспешна екипа во НХЛ со 24 титули, од кои последната датира од 1992/93. Од друга страна, Торонто Мејпл Лифс, иако немаат титула од 1966/67, сè уште се држат на второто место на вечната листа со 13 наслови.
📸 Sportsnet