Битката за престиж на Пенсилванија ја отвори новата НХЛ сезона. Во неа, традиционално, се соочија Филаделфија Флаерс и Питсбург Пенгуинс.
За првпат, после речиси една година, овие две екипи не одиграа нерешен натпревар, бидејќи Филаделфија триумфираше со 6-3.
Стрелец на првиот погодок во новата сезона беше Марк Јанковски, кој уште во петтата минута од своето деби, му донесе водство на Питсбург.
До крајот на првата третина, Филаделфија направи целосен пресврт со по еден ,,пауер-плеј” гол на Џејмс Ван Римсдајк и на Ерик Густафсон. За Швеѓанецот, ова беше погодок на дебито во дресот на Флаерс.
Во вториот период, после кардиналната грешка на домашниот голман, Картер Харт, Сиднеј Кросби израмни на 2-2, а Џоел Фераби им ја врати предноста на домаќините на една минута пред паузата.
Брендон Танев го отвори третиот дел со нов израмнувачки погодок на Питсбург за 3-3.
Во продолжение, Михаел Рафл погоди за 4-3 за Флаерс, а тринаесеттата минута од третиот дел беше кобна за ,,Пингвините”. Во неа, нивната мрежа беше двапати затресена од страна на Тревис Конекни и на Кевин Хејс за конечни 6-3.
📸 Andre Ringuette/Freestyle Photo/Getty Images