Во рамките на шестото коло од англиската Национална лига, за првпат после 2016, се соочија Гримзби и Рексам.
И двете екипи, на хартија, се едни од главните претенденти за промоција во Лиг 2, а во пресрет на денешниот дуел имаа серии без пораз на почетокот на сезоната.
Сепак, позитивната низа на Рексам беше прекината, откако на ,,Бландел Парк”, пред 6663 гледачи, Гримзби славеше со 3-1.
Најпрво, водство на Велшаните им донесе Џејк Хајд (22′) со својот трет овосезонски погодок и најави поинаков исход на настаните.
Сепак, набргу, во интервал од седум минути, Рајан Тејлор (27′) и Лук Ватерфол (34′) ја затресоа мрежата на Роб Леинтон и направија целосен пресврт.
Во второто полувреме падна уште еден погодок во корист на домаќините, а негов стрелец беше резервистот од клупата, Макс Рајт (90′), кој воедно го постави и конечниот резултат.
На табелата, Гримзби е четврти со натпревар помалку во однос на конкурентите, додека Рексам ја држи осмата позиција.