
Единствениот натпревар од седмото коло на Чемпионшип, кој заврши без голови, го одиграа ВБА и Дерби Каунти.
Имено и покрај сите проблеми, фудбалерите на Вејн Руни успеаја да изборат реми на ,,Хоторнс”, откако ги лимитираа домаќините на 0-0.
ВБА беше на чекор до водство во деветтата минута, кога Семи Аџаји упати удар кон противничкиот гол, но неговиот обид беше спречен на гол-линијата од искусниот дефанзивец – Куртис Дејвис.
Во продолжение, домаќините постојано напаѓаа и го завршија мечот со дваесет и пет шутеви кон мрежата на Келе Роос, кој беше одличен со девет одбрани.
Единствената солидна шанса на ,,Овните” се случи на почетокот на второто полувреме, кога обидот на Џејсон Најт беше блокиран од домашната одбрана.
За ВБА, овој меч се смета како минимален кикс, кој сепак ги задржа на врвот на табелата, барем за дваесет и четири часа, односно додека Фулам не го одигра својот натпревар против Бирмингем.
Од друга страна, Дерби го запиша третото овосезонско реми, доволно за скок на четиринаесеттото место.