Екипата на Типерари го направи најголемиот подвиг од сите екипи што учествуваа во регионалните финалиња на Ол-Ајрленд Сениор Фудбал Чемпионшип.
,,Сино-жолтите”, кои важат за велесила во харлинг, успеаја да ја освојат првата титула на Манстер, кога е во прашање галскиот фудбал, после 1935 година.
За славјето да биде поголемо, галските фудбалери го остварија овој успех точно на стогодишнината од ,,Крвавата недела” – денот кога Типерари играл против Даблин и на сред терен бил убиен нивниот играч Мик Хоган, според којшто, една од трибините на ,,Кроук Парк”, го носи името.
Во овогодинешното финале на Манстер, Типерари го порази Корк со (0.17) 17-14 (0.14).
Капитенот на победниците, Конор Свини, беше најефикасен со седум поени, а од редовите на Корк, по четири постигнаа Марк Колинс и Лук Коноли.
Тренерот на Типерари, Дејвид Пауер, после финалето даде емоционална изјава, која гласеше:
,,Многу важен ден, после 85 години… Да бидам искрен, готов сум да заплачам.”
Во полуфиналето на Ол-Ајрленд Сениор Фудбал Чемпионшип, Типерари ќе ги одмери силите со шампионот на Конахт, Мејо, додека во второто полуфинале ќе се соочат шампионите на Алстер и на Леинстер – Каван и Даблин.