
Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одвиваше во Остерсунд, Шведска, односно на иста локација како и првиот.
Денес беа одржани спринт-трките во машка и во женска конкуренција.
Кај дамите, до втората победа во Светскиот куп дојде Австријката Лиза Тереза Хаузер (19:30,2), која немаше ниедна грешка при стрелањето.
Домашната натпреварувачка, Елвира Оберг (+12,5), беше на чекор до триумфот, но мораше да се задоволи со второто место поради двете промашени мети.
На третата позиција, вредна за втор подиум во кариерата, заврши Белорусинката Хана Сола (+14,4) пред својата сонародничка – Динара Алимбекава (+20,6).
Во машкиот спринт, по вторпат во низа, на победа се радуваше Себастијан Самуелсон (22:58,7), кој имаше едно промашено пукање.
Пиедесталот во оваа конкуренција го комплетираа двајца Французи, односно Емилиен Жакелан (+18,0) и Квентин Фијо Маје (+21,5).
На четвртата позиција се пласираше Русинот Едуард Латипов (+26,1), а по него следуваа пет скијачи, од кои дури четири беа Норвежани.