
Лошите временски услови беа главната причина поради која денешното натпреварување во Вилинген (Германија) од Светскиот куп во ски скокови беше составено само од една серија.
На него, до победата стигна Рјоју Кобајаши со најдолгиот скок на денот од 145 метри.
Со седмата овосезонска победа, Јапонецот го презеде првото место во генералниот поредок од Карл Гајгер, кој денес ја освои дваесеттата позиција.
Веднаш зад Кобајаши се пласира актуелниот шампион, Халвор Егнер Гранеруд, а на најниското место на пиедесталот се најде Мариус Линдвик, кој се врати по прележаниот КОВИД-19.
Во првите десетмина, пласман изборија уште: Зеверин Фројнд, Јукија Сато, Штефан Лаје, Жига Јелар, Ловро Кос, Даниел Хубер и Грегор Дешванден.




