Синоќа беше одиграно финалето на плејофот на Лиг 1 после кое беше познат третиот патник во Чемпионшип за наредната сезона 2020/21.
Во финалето, силите ги одмерија Оксфорд Јунајтед и Викомб Вондерерс. Последен пат кога Оксфорд Јунајтед беше член на втората лига беше сезоната 1998/99, додека Викомб никогаш не се најдел во второлигашкото друштво.
Сепак, тоа се смени после овој натпревар откако Вондерерс со 2-1 славеа во финалето. Најпрво, Стјуард постигна гол за 1-0 после одличниот корнер на Џејкобсон во 9. минута. Оксфорд израмни на 1-1 во 57. минута со одличниот гол на Сајкс, а Викомб си ја поврати предноста на единаесет минути пред крајот кога Џејкобсон погоди од пенал.
Во полуфиналето, Викомб го порази Флитвуд, чијшто тренер е Џои Бартон – поранешниот играч на Манчестер Сити, со вкупен резултат од 6-3, додека Оксфорд на пенали го отфрли Портсмут.
Првпат во 133-годишната историја на клубот, Викомб ќе игра во втората лига. Ова е дефинитивно највисокиот пласман на тимот од Бакингемшир од своето формирање во 1887. Најпрестижниот трофеј на „сините“, досега беше освојувањето на петтата лига во 1992/93, а најдобар пласман во ФА Купот е полуфиналето од сезоната 2000/01. Освен локалните трофеи, Викомб е еднократен освојувач на ФА Аматер Куп (1930/31) и двократен шампион на ФА Трофи (1990/91 и 1992/93).
Најголемо внимание од овој тим, дефинитивно привлекува напаѓачот Адебајо Акинфенва, кој е познат по својата „големина“ и сила. Англичанецот го даде и најурнебесното интервју по крајот на ова финале.