
Второто овосезонско натпреварување од Светскиот куп во нордиска комбинација, а воедно и второ во Рука, Финска, го освои Теренс Вебер (26:11,0), кој славеше за првпат во својата кариера.
Во прилог на Германецот одеше фактот дека актуелниот трикратен шампион и вчерашниот победник, Јарл Магнус Риибер, беше дисквалификуван во првата серија поради непрописна опрема.
Во генералниот пласман, за првпат после 52 натпреварувања, на првото место нема да стои името на Риибер, бидејќи од денес, жолтата маичка ја презеде денешниот победник – Вебер.
Вебер беше првопласиран и после првата серија, а на десеткилометарската трка го предводеше караванот при кој, дури тринаесет скијачи заостануваа под десет секунди.
Тројниот германски подиум го комплетираа Ерик Френцел (+1,2) и Винценц Гајгер (+2,3), а Естонецот Кристјан Илвес остана без пиедестал за половина секунда (+2,8).
Веднаш зад него се пласираше најдобриот вчерашен тркач, Јулијан Шмид (+3,1), а пласман во топ 10 изборија уште: Лукас Грајдерер (+3,4), Јорген Граабак (+4,3), Јоханес Лампартер (+4,5), Акито Ватабе (+5,5) и Рјота Јамамото (+6,0).