
Во пресрет на последната трка од сезоната 2021 во МотоГП, битката за титулата беше веќе решена со тоа што Фабио Квартараро стана првиот француски шампион на ,,кралската” класа.
Имајќи ја предвид оваа информација, целиот фокус во Валенсија беше насочен кон Валентино Роси, кој официјално ја извоза последната трка во својата кариера.
Роси влезе во МотоГП во 2000 и оттогаш освои неверојатни седум шампионски круни (2001, 2002, 2003, 2004, 2005, 2008 и 2009), притоа запишувајќи 89 победи и 199 подиуми.
Претходно, Италијанецот освои по една титула во категориите до 125 и до 250 кубици, кои датираат уште од минатиот век (1997 и 1999).
На последната трка, 42-годишниот возач на ,,Петронас Јамаха” стартуваше од десеттото место и ја заврши трката на десеттата позиција.
До победата стигна вицешампионот Франческо Бањаја, а пиедестал освоија Хорхе Мартин и Џек Милер.