Сан Диего Падрес и Ст. Луис Кардиналс го одиграа најефикасниот дуел од синоќешната МЛБ плејоф програма.
Имено, Падрес успеаја да ја израмнат вкупната осмина-финална серија на 1-1, откако, во вториот двобој, славеа со 11-9.
Кардиналс, во шестиот ининг, имаа предност од 2-6 и во тие моменти, ги лимитираа противниците на осум удари без ниеден хоум-ран.
Во шестиот, во седмиот и во осмиот ининг, на ,,сцена настапија” удирачите на Падрес, кои, од седум удари, забележаа неверојатни пет хоум-рани.
По двапати во листата на стрелците се запишаа Фернандо Татис Џуниор и Вил Мајерс, а еднаш – Мани Машадо.
Од редовите на Кардиналс, по еден хоум-ран забележаа Колтен Вонг и Пол Голдшмидт.
Историски гледано, Татис Џуниор и Машадо станаа единствениот тандем на Падрес што постигнал два последователни хоум-рани во плејофот, после Тони Гвајн и Грег Вогн во 1998.
Исто така, во последните десет години, само Падрес, Кардиналс (2012) и Канзас Сити Ројалс (2014 и 2015) успеале да направат пресврт, кога губеле со над четири поени во плејоф натпревар кога се соочувале со елиминација.



