Џад Трамп и Рони О’Саливен ги одмерија силите во рамките на првото полуфинале од овогодинешното издание, вкупно седмо, на Светското Гран При.
За нив, ова беше втор меѓусебен дуел во последниот месец, каде што Трамп успеа да триумфира над реномираниот противник.
Имено, моменталниот првопласиран на светската ранг-листа го декласира О’Саливен со неочекувани, но заслужени 6-1.
О’Саливен го освои својот единствен денешен фрејм за да ја прекине воведната серија од 3-0 на ривалот и за да замине на пауза со заостаток од 3-1. Во тој интервал, победникот успеа да направи два брејкови од по сто поени.
За Трамп, ова ќе биде трето финале на Светското Гран При, каде што ќе се бори за третата титула. Останатите две датираат од 2015 (кога турнирот сè уште важеше за нерангиран) и од 2019.
Досега, популарниот ,,Џадернат”, освен О’Саливен, ги порази уште Мајкл Холт (4-3), Стјуарт Бингам (4-3) и Мартин Гулд (5-2), а во големото финале ќе го чека победникот од утрешниот меч помеѓу Марк Селби и Џек Лисовски.