
На претпоследниот спринт од сезоната на Светскиот куп во биатлон, одржан во Отепаа (Естонија), триумф избори Жулија Симон.
Французинката (20:45,8) дојде до првата победа во оваа дисциплина во кариерата и покрај едното промашено стрелање.
На второто место, а воедно и на пиедесталот, дебитираше Германката Ванеса Воигт (+11,0), која беше стопроцентна во стрелачкиот дел.
Како третопласирана заврши Норвежанката Каролине Кнотен (+12,8), освојувајќи го само вториот подиум во Светскиот куп.
Во продолжение, заостаток под половина минута имаа уште: Денизе Херман (+16,1), Ингрид Ландмарк Тандерволд (+21,9), Хана Оберг (+23,0) и Ане Шевалие-Буше (+24,6).
На целната линија, фановите и’ приредија достојно испраќање на Магдалена Гвиздон (+2:45,1; 66. место), која ја отскија последната трка после неверојатни дваесет и седум сезони.




