По очајниот старт на сезоната во Евролигата, Фенербахче ја запиша шестата победа во низа, откако, во 21. коло, го надигра составот на ЦСКА среде Москва со 83-89.
Иако навидум резултатот не дава изедначена слика, ситуацијата на теренот беше неизвесна сè до последната минута.
ЦСКА водеше во поголемиот дел на првото полувреме, а турските претставници доминираа во второто.
Најзаслужни за триумфот на истанбулската екипа беа Јан Весели и Нандо Де Коло, кои беа најефикасни на паркетот со 24, односно со 22 поени.
Кај домаќините, Грузиецот Торнике Шенгелија беше најпрецизен со 18 постигнати кошеви, а по 12 поени уфрлија Никола Милутинов, Даниел Хекет и Јанис Стрелниекс.
И покрај поразот, ЦСКА (15-6) го задржа водството на табелата, додека Фенербахче (11-10) фати приклучок за влез во плејофот.
📸 Twitter: Fenerbahçe Beko



