
Селекцијата на Сенегал влезе во триесет и третото издание на Африканскиот куп на нации со три поени, совладувајќи го Зимбабве со 1-0.
Победничкиот состав беше огромен фаворит во пресрет на натпреварот, но со огромни потешкотии успеа да ја оправда фаворитската улога.
Зимбабве, иако беше инфериорен во голем дел од мечот, сепак на моменти покажа дека заслужува да се најде на африканскиот континентален собир со неколкуте солидни шанси.
Номиналните гости, херојски се бранеа до самиот крај, но среќата не беше на нивна страна во судиското продолжение, кога Келвин Мадзонгве случајно играше со рака во обид да изблокира противнички шут.
Од белата точка, рутински прецизен беше фудбалерот на Ливерпул, Садио Мане (90+6′), кој му донесе значаен триумф на Сенегал.
Во групата Б, освен овие две селекции, учествуваат уште Малави и Гвинеја, кои ќе го одиграат меѓусебниот дуел во 17.00 часот.




