
И покрај неубедливиот старт на сезоната, Норвич успеа да поврзе три лигашки победи и да скокне до второто место на табелата.
Во шестото коло од Чемпионшип, ,,Канаринците” го поразија Сандерленд со минимални 0-1 пред 37 619 гледачи на ,,Стадионот на светлината”.
Сандерленд доминираше во поголемиот дел од мечот и во второто полувреме, двапати го погоди дирекот од голот на Тим Крул, но не успеа да ја затресе неговата мрежа.
Од друга страна, Норвич ја искористи една од вкупните дванаесет свои прилики и реализираше преку Џош Сарџент (76′), кој со четири гола е прв на листата на стрелците заедно со Оскар Еступињан од Хал Сити.
За Сандерленд, ова беше втор лигашки овосезонски пораз, кој го остави на осмата позиција, но со натпревар повеќе во однос на конкурентите.




