Сан Франциско 49ерс го направија најголемиот подвиг во сезоната со синоќешната победа од 10-13 над Грин Беј Пекерс за изборување на конференциско финале.
49ерс влегоа во плејофот како седмопласиран тим и синоќа гостуваа во Грин Беј, на минусни температури, кој беше првопласиран после регуларната сезона и имаше слободен викенд.
Пекерс солидно го започнаа мечот, водејќи со 7-0 и со 10-3, но специјалниот тим на гостите направи две клучни акции.
Најпрво, во последната секунда од првото полувреме, изблокираа обид за филд-гол, а на пет минути пред крајот изблокираа пант, кој резултираше со тачдаун за израмнување на 10-10, постигнат од Таланоа Хуфанга.
Во последната секунда, Сан Франциско запиша победа со вториот прецизен филд-гол на мечот на Роби Гулд, кој сè уште нема промашај во плејофот во својата кариера.
Квотербекот на победничкиот состав уфрли скромен 131 јард од 11/19 обиди и еден пресечен пас, а најистакнат поединец во нападот беше Дибо Самуел со вкупно 83 јарди.
На спротивната страна, Арон Роџерс имаше 225 јарди од 20/29 комплетирања, тачдаун постигна Еј Џеј Дилон во првата четвртина, а Арон Џонс освои вкупно 170 јарди.
Во конференциското финале, 49ерс ќе гостуваат кај победникот од дуелот помеѓу Тампа Беј Баканирс и ЛА Ремс.
Во соработка со НФЛ Македонија