
Саботниот ден од натпреварувачкиот викенд во Нове Место (Чешка), од Светскиот куп во биатлон, беше резервиран за потерите, базирани на претходните спринтови.
Во машка конкуренција, Јоханес Тингнес Бо (31:25,1) ја одбрани предноста од пред два дена и дојде до тринаесеттата овосезонска победа, која го донесе на само чекор од четвртиот кристален глобус.
Неговиот брат, Тарјеи Бо (+34,6), исто така, ја одбрани втората позиција, а трет, иако имаше дури пет промашаи, беше Мартин Понсилуома (+1:11,0).
Во првите петмина се пласираа уште Бенедикт Дол (+1:14,5) и Фабиен Клод (+1:37,9).
Слична беше и ситуацијата кај дамите со оглед на фактот дека првите две места повторно и’ припаднаа на Норвешка, а третата позиција остана непроменета во однос на спринтот.
Имено, Марте Олсбу Роиселанд (29:22,7) триумфираше по вторпат во два дена пред Ингрид Ландмарк Тандерволд (+2,2) и пред Ане Шевалие-Буше (+15,3).
Од останатите натпреварувачки, под една минута доцнеше само уште Жулија Симон (+53,0).