
Еден од двата синоќешни натпревари во НХЛ беше воедно и реприза на минатосезонското полуфинале, при што Тампа Беј Лајтнинг славеа над Њујорк Ајлендерс со 4-1.
Гостите од Њујорк го отворија резултатот уште во третата минута преку Метју Барзал, но само 23 секунди подоцна, Матје Жозеф израмни на 1-1.
До крајот на првата третина, Тампа Беј го комплетираше својот пресврт и поведе со 2-1, благодарение на четвртиот овосезонски погодок на Ентони Сирели.
Во вториот дел, Ајлендерс бркаа негатива и во потполност ги надиграа ривалите со однос на шутеви од 12-3, но неискористените шанси им се ,,одбија од глава” веќе во наредниот дел.
Имено, во третата третина, актуелните шампиони уште двапати ја затресоа мрежата на Семјон Варламов и го поставија конечниот резултат со головите на Брејден Поинт и на Стивен Стамкос.
Со третиот пораз во низа, Ајлендерс паднаа на четиринаесеттото место на Истокот, додека Тампа Беј ја држи шестата позиција.



