Седмото коло во Чемпионшип го отворија екипите на Нотингем Форест и на Дерби Каунти, кои го сочинуваат дербито на ИСточен Мидлендс. Овие два тима се најголеми меѓусебни ривали, а денешниот меч беше нивен 107. во историјата.
Натпреварот заврши со 1-1 што претставува 28. реми помеѓу „Шумарите“ и „Овните“.
Во првото полувреме, на теренот постоеше само еден тим – Дерби. Во 30. минута, „црно-белите“ поведоа со 0-1 преку одличниот погодок од слободен удар на Мартин Вагхорн, кој го одигра својот прв меч по враќањето поради повреда, односно после 22 јули.
Нотингем го започна вториот дел со офанзивна игра, којашто се исплати во 64. минута, кога, својот првенец во црвениот дрес го постигна минатогодишното чудо на Чарлтон Атлетик – Лајл Тејлор.
Во завршницата, Дерби постигна уште еден погодок преку новото засилување, Камил Јожвијак, кој исто така дебитантски ја затресе противничката мрежа во англискиот фудбал. Сепак, голот на Полјакот беше контроверзно поништен поради офсајдот на Вагхорн, кој не влијаеше на играта.
Тренерот на Дерби, Филип Коку, не успеа да го порази Нотингем ни во својот четврти обид. Имено, „Црвените“ се непоразени од Дерби уште од 15 октомври 2017, кога загубија со 2-0.
Голманот на гостите, Дејвид Маршал, направи еден мега-јубилеј забележувајќи го својот 500. лигашки настап во богатата кариера.



