Тринаесеттото издание на најквалитетната лига за Т20 крикет, Индиската Премиер Лига, заврши денес, а како старо-нов шампион е крунисан тимот на Мумбај Индијанс.
Воедно, Мумбај е најуспешен состав во кратката историја на споменатата лига, освојувајќи ја вкупно петтата клупска титула.
Во денешното финале, Индијанс беа подобри од Делхи Капиталс со резултат од 157/5 (18.4) – 156/7 (20), запишувајќи ја третата овосезонска победа над момците од главниот град на Индија, имајќи во предвид дека двете екипи се соочија двапати и во регуларната сезона.
Натпреварот започна со инингот на Делхи, а после само една топка, елиминиран беше еден од странските ѕвезди – Австралиецот Маркус Стоинис. Како најефикасни играчи од поразениот состав завршија Шрејас Ијер (65 поени) и Ришаб Пант (56 поени), додека, од фрлачите на Индијанс, најдобар беше Трент Булт со три викети.
Што се однесува до вториот ининг, капитенот Рохит Шарма (68 поени) беше убедливо најефикасен крикетар на теренот од победничкиот состав, а од фрлачите на Делхи, само Анрич Нортје (2), Маркус Стоинис (1) и Кагисо Рабада (1) забележија викети.
Имено, целата ИПЛ сезона требаше да се одигра во првата половина на 2020, но истата беше одложена поради Коронавирусот. Играчите, наместо во Индија, се наоѓаа во „меури“ во Обединетите Арапски Емирати, каде што ја одиграа цела сезона.
Во регуларната сезона, Мумбај Индијанс и Делхи Капиталс ги заземаа првите две позиции, а останатите две што водеа во плејофот ги зазедоа Санрајсерс Хидерабад и Ројал Челенџерс Бангалор.