
Во новата АФЛ сезона, Вест Коуст Иглс сè уште не знаат за победа на домашен терен, иако одиграа четири натпревари.
Имено, во премиерниот меч од седмото коло, Иглс беа во потполност декласирани од Ричмонд Тигерс со резултат од (8.8) 56-165 (25.15).
,,Тигрите” ја завршија целата работа уште во првото полувреме, после кое водеа со 16-79 и притоа поставија историски рекорд за најмногу постигнати поени после изгубени противнички топки за две четвртини (76).
Во вториот дел, Иглс повторно беа инфериорни во однос на своите ривали, но беа за нијанса подобри, отколку во првата половина од средбата.
Единствена светла точка во домашниот состав беше Џош Кенеди, кој со учинокот од (4.1) дојде до јубилејниот седумстоти гол во кариерата.
Освен Кенеди, јубилеи и симболика направи и најефикасниот поединец на теренот, Том Линч (7.5) од Ричмонд, кој на двестотиот настап во АФЛ стана стотиот фудбалер со четиристотини голови.
Од неговите соиграчи, втор стрелец беше Џек Риволдт (4.0), кој влезе во топ 20 голгетери во историјата на АФЛ со вкупно 726 голови.
Освен Линч и Риволдт, кај Тигерс, хет-трик постигнаа уште Шеј Болтон (3.2), Кемдин МекИнтош (3.0) и Морис Риоли (3.0).
На табелата, за првпат после дванаесет години, Вест Коуст се наоѓа на самото дно, додека Ричмонд скокна на осмата позиција.