
Четвртите спринтови од Светскиот куп во крос-кантри се одржаа денес во германскиот град Дрезден.
Кај дамите, Маја Далквист (2:33,3) ја продолжи својата спринтерска доминација и триумфираше по четврти пат во оваа дисциплина сезонава.
Нејзината сонародничка, Јона Сундлинг (+0,43) заврши на второто место, а подиумот го комплетираше Словенката Анамарија Лампич (+0,64).
Пласман во финалето изборија уште Кристине Ставаас Скиштад (+1,64), Матилде Мирволд (+3,03) и Ева Уревц (+6,15), а најголемо разочарување приреди Наталија Непрјаева, која отпадна уште во квалификациите.
Во машка конкуренција, актуелниот шампион Александер Болшунов не ги помина квалификациите, а од фаворитите, без полуфинале остана Рено Же.
Накрај, во фотофиниш, победникот на квалификацискиот дел, Хаавард Солаас Таугбол (2:15,02), ја запиша првата победа во својата кариера.
На втората позиција заврши Италијанецот Федерико Пелегрино (+0,15), кој за првпат сезонава го помина четвртфиналето, а третото место му припадна на Лука Шанава (+0,68).
Во финалето се пласираа уште тројца скијачи, односно Евен Нортуг (+1,22), Синдре Бјорнштад Скар (+2,01) и Глеб Ретивих (+4,86).