По среброто и бронзата од брзинските дисциплини во Пјонгчанг 2018, Швајцарецот Беат Фојц доби златен медал на ЗОИ 2022.
Фојц (1:42,69) беше најбрз на денешниот олимписки спуст, кој требаше да се одржи вчера, но беше одложен поради силен ветар.
Со само десет стотинки заостаток во однос на шампионот, до првиот олимписки медал во кариерата дојде Жоан Клери (+0,10) на неверојатна 41-годишна возраст.
Во тековната сезона, Клери стана најстар скијач со подиум во Светскиот куп, а денес постави рекорд за најстар освојувач на олимписки медал во историјата на алпското скијање.
На третото место заврши победникот од Сочи 2014 во спуст, Матијас Мајер (+0,16), добивајќи го третиот медал од ЗОИ во кариерата.
Сензацијата на денот, Џејмс Крофорд (+0,23) се најде на четвртата позиција, а лидерот во трката за малиот кристален глобус во спуст, Александер Омодт Килде (+0,51), беше петтопласиран.