
Шведска го презеде приматот во поредокот за најуспешни нации на ЗОИ 2022, откако денес го доби третото злато.
На женската трка во велеслалом во алпско скијање, златно одличје на скандинавската земја и’ донесе Сара Хектор (1:55,69).
Хектор беше првопласирана после првата серија и одбранувајќи ја својата предност го освои првиот олимписки медал.
Италијанката Федерика Брињоне (+0,28), која беше третопласирана во Пјонгчанг 2018, денес се закити со сребро.
,,Бронзена” на денешната трка беше Лара Гут-Бехрами (+0,72), доаѓајќи до вториот олимписки пиедестал во кариерата и покрај осмата позиција во првиот дел.
Во продолжение, под една секунда заостануваа само уште Катарина Трупе (+0,80) и Рагнилд Мовинкел (+0,96).
Од фаворитките за подиум, Петра Влхова и Мишел Гизин потфрлија, а трката не ја завршија Микаела Шифрин, Теса Ворли и Марта Басино.