
После мини-серијата од два порази, Јута Џез се вратија на победничките патеки, откако синоќа ги декласираа Сакраменто Кингс со 105-154.
Имено, за екипата од Солт Лејк Сити, предноста од +49 на крајот на мечот го донесе новиот рекорд за најубедлива победа во историјата на франшизата.
Исто така, постигнатите 154 кошеви се нов рекорд на овој клуб, надминувајќи ги претходните 153, постигнати во април 1978, уште кога Џез играле во Њу Орлеанс.
,,Мислам дека никогаш претходно немам видено 150 поени на семафорот.” – се огласи Џорџ Нианг, кој на својот трет старт во кариерата, постигна 19 кошеви.
Од победничкиот состав, поефикасни од него беа само Бојан Богдановиќ (24 поени) и Џордан Кларксон (23 поени), додека Руди Гобер беше единствен со дабл-дабл учинок (12 кошеви и 10 скокови).
Кај Кингс, Бади Хилд и Ришон Холмс беа најистакнати со по 18 поени.
Треба да се земе предвид фактот дека кај Џез отсуствуваа Донован Митчел и Мајк Конли, а Кингс не можеа да сметаат на Де’Арон Фокс и на Марвин Бегли.
На табелата на Западот, Џез (45-17) останаа на првото место, додека Кингс (25-37) ја заземаат дванаесеттата позиција.



