
Откако помина 96 дена на првото место во Северната дивизија, екипата на Торонто Мејпл Лифс обезбеди учество во плејофот со синоќешната победа од 1-4 над Монтреал Канадиенс.
Имено, после 26 минути игра, Мејпл Лифс веќе водеа со 0-3 над најголемите ривали, благодарение на Вилијам Ниландер, на Остон Метјус и на Џејк Мазин.
При третиот погодок, асистент на Мазин му беше 41-годишниот Џоу Торнтон, кој стана само седмиот хокеар во историјата на НХЛ со 1100 асистенции.
Што се однесува до Метјус, Американецот дојде до просек од 0,81 гол по натпревар против Канадиенс во кариерата што претставува втор најдобар ефект против овој состав од 1945 наваму: единствен поефикасен хокеар е Џон ЛеКлер со просек од 0,84.
Во втората третина, домашниот состав намали на 1-3 преку Ник Сузуки, а во последниот период, Адам Брукс го постави конечниот резултат.
На табелата, Торонто и понатаму останува на врвот, додека Монтреал го зазема четвртото место.



