
Словачката Петра Влхова го запиша осмиот овосезонски подиум, откако триумфираше за првпат во новата сезона.
Имено, Влхова (1:51,95) беше најбрза на третиот слалом во 2023 од Светскиот куп во алпско скијање, одржан по ноќни услови во Флахау, Австрија.
Водечката во генералниот пласман, Микаела Шифрин (+0,43), го освои второто место, а последна со заостаток под една секунда беше третопласираната Лена Дир (+0,85).
Четвртата позиција ја зазеде Венди Холденер, а пласманот во топ 5 го пополни Пола Молцан (+2,15).
Убедливоста на Влхова беше повпечатлива со фактот дека под три секунди доцнеа само уште три скијачки, односно Катарина Линсбергер (+2,62), Хана Аронсон Елфман (+2,74) и Џесика Хилцингер (+2,81).