
Најголемото изненадување во второто коло од новата НФЛ сезона го приредија Каролина Пантерс, кои ги поразија Њу Орлеанс Сеинтс со 26-7.
Во првото коло, Сеинтс ги декласираа фаворитите Грин Беј Пекерс со 38-3 што дополнително ги зголеми очекувањата за денешниот натпревар.
Сепак, дивизиските ривалства се доста непредвидливи, а Пантерс во потполност ги искористија сите шанси за да ги шокираат ,,Светците”.
После три четвртини игра, Пантерс водеа со 17-0 против гостите, кои ги постигнаа единствените поени на стартот на четвртиот квартал со тачдаунот на Џемис Винстон.
Квотербекот на Њу Орлеанс одигра доста слаб натпревар со вкупно 130 освоени јарди и со две пресечени додавања.
На спротивната страна, дуото составено од Сем Дарнолд и од Кристијан МекКафри потполно ги уништи противничките дефанзивци.
Имено, Дарнолд уфрли два тачдауни кон Брендон Зилстра и кон Ди Џеј Мур, а згора на тоа освои уште 305 јарди со 26/38 успешни обиди за додавање.
Освен засилувањето од Њујорк Џетс, за Каролина издоминира и МекКафри, кој освен еден тачдаун со пробивање, додаде уште 137 освоени јарди.
Во соработка со НФЛ Македонија