
Александар Омодт Килде (1:27,95) ја запиша четвртата овосезонска победа, откако беше најбрз на денешниот супервелеслалом во Бормио, Италија.
Веднаш зад Норвежанецот се пласираше Австриецот Рафаел Хаасер (+0,72), кој го освои првиот подиум во својата кариера.
На третото место, по вторпат сезонава во истата дисциплина, заврши уште еден Австриец, односно актуелниот освојувач на малиот кристален глобус во ,,супер џи” – Винсент Крихмајер (+0,85).
За само пет стотинки, третиот пиедестал во кариерата и втор во Бормио му побегна на Американецот Рајан Кохран-Сигл (+0,90), а пласманот во топ пет го комплетираше Беат Фојц (+1,13).
Последната трка, која ќе ја затвори 2021 година, е закажана за утре и ќе биде на истата локација во истата дисциплина.